Почетна  I    Мапа на страната  I    Контакт
 
 

   
 
16 Ноември 2010
Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија на 19 ноември 2010 да земат учество во акцијата „Ден на дрвото – Засади ја својата иднина!“ и со засадување на што повеќе садници да придонесат кон унапредување на животната средина ...
 
 
 
сон за пошумен балкан и пошумена планета

Акцијата веќе нема граници... Оти воздухот не е само наш, и сенките и зелените пошумени еко-оази не се само наши, тие се на сите.
И затоа наесен планираме сите заедно да засадиме десет милиони садници на целиот Балкан ...
 
 
 
СОНОТ ЗА ПОШУМЕНА ИДНИНА
Сонот за пошумена Македонија преку засадување на иднината се роди во август 2007 година, кога идејниот татко на акцијата, амбасадорот на мирот на UNESCO, светски познатиот баритон, маестро Борис Трајанов, трогнат од огромните катастрофални пожари, кои 2006 и 2007 ја соголија и опустошија Република Македонија, добива благородна идеја и поттикнува проект за масовно засадување на голините и опустошените планини.

Незаборавната изјава на уметникот дека „Не сме само ние жители на планетета, и шумите се жители како и ние„ и дека „Треба да се прогласи ден на жалост кога масовно умираат шумите„ ја зароди и осемени големата идеја кон реализација. Иницијатива на г-дин Трајанов, ја прифатија група ентузијасти, започнувајќи го проектот Ден на дрвото – засади ја својата иднина.

Ексклузивата на оваа идеја е оригиналниот зафат – секој граѓанин на земјата да засади по едно дрвце – и тоа во само еден ден! Блескавата метафора за себепрераѓање преку раѓање на нов живот на шумите - сонот за пошумена Македонија, во само еден ден стана убава зелена стварност во која - беа засадени два милиона и педесетишест илјади садници, колку што Република Македонија има жители! На 12 март 2008 година се спроведе првата акција на која жителите на земјата масовно излегоа да засадат дрвца. Реки народ се придвижуваа кон подготвените терени, кои беа уредно распоредени од стручните лица на „Македонски шуми„. Познатите јавни и естрадни личности излегоа да помогнат во повикувањето на народот. Акцијата беше повеќе од успешна и веќе околу пладне, за чудо, недостигаа садници за секој жител. На 13 март Македонија се разбуди озеленета, облагородена, а секој граѓанин се вдахна себеси, вградувајќи се, засадувајќи ја својата иднина некаде во младите идни шуми.

Македонија се прочу во светот по добро...
АКЦИЈАТА Е ВЕЌЕ ТРАДИЦОНАЛНА - ВТОРАТА И ТРЕТАТА АКЦИЈА
По шест месеци, на 28 октомври 2008 се спроведе и втората акција на која се засадија шест милиони садници! И покрај драматичните временски непогоди, студот и снегот не ги спречија илјадници луѓе да ги напуштат топлите домови и со невиден ентузијазам да се упатат кон предвидените локации и кон големата мисија за својата земја.

Покрај македонските естрадни ѕвезди, втората акција ја збогатија и ѕвезди од соседните земји, како познатите: Шола од Хрватска, Бојан Маровиќ од Црна Гора, Бајага од Србија, Жељко Бебек од БИХ, како и истакнатиот поет Љубомир Левчев од Бугарија.
По завршувањето на втората акција, светот повторно дозна за Македонија. Блескав беше одгласот на речиси сите странски медиуми кои ја истакнаа Македонија во своите ударни гласила.

На 14 март 2009 се спроведе и третата акција, на која за еден ден се засадија дури пет милиони дрвца! Силниот ветар не ги поколеба граѓаните кои масовно излегоа да ги исполнат браздите со млади садници. Организираниот превоз и воопшто организацијата ја направи акцијата уште поуспешна.
ПОДДРШКА
Горди сме дека сите акции се безрезервно поддржани од Владата на Република Македонија со сите надлежни министерства, Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со општините, и ЈП Македонски шуми.

Личниот сетилен допир со иднината – со коренчињата на иднината како индивидуална радост, но и колективна добродетел, на себе ја почувствуваа сите – од Претседателот на Владата и министрите, па до целото граѓанство на земјата.
ДИПЛОМАТСКА И МЕЃУНАРОДНА ПОДДРШКА
Акцијата наиде на одличен одзив кај сите земји во соседството, регионот и пошироко.
Амбасадорите од сите странски земји со радост ја прифатија иницијативата да бидат дел од тимот кој помага во озеленување на просторот. Вистински настан беше кога со свои раце садеа иднина и странските амбасадори во Македонија.

Меѓу највпечатливите изјави е онаа на холандската амбасадорка, Нејзината Екселенција, г-ѓа Симоне Филипини: „Кога во 14.30 часот се враќав од ридот кај Рафинеријата видов цела река народ што не се враќаше со мене, туку се качуваше, и со ентузијазам прашуваа – дали и за нас останаа дрвца за садење!

Уште од првиот момент акцијата ја поддржа и Европската унија, и тоа преку личното срдечно учество на Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Неговата Екселенција Ерван Фуере.
Имаме поддршка и од други странски организации и фактори.
АКЦИЈАТА ВО СВЕТСКИТЕ И ДОМАШНИТЕ МЕДИУМИ
Поддршката од странските земји е и медиумска. Најреномираните медиуми со восхит известуваа за нашиот успех: „Agence France-Presse„, „Reuters„, Shin Hua „BBS„ и други.

За блескавиот одглас на акцијата во странските медиуми, најубаво сведочи и овој текст што сега го читате, кој е мозаик од извадоци за големиот трикратен еко-настан во Македонија.
Секоја наша акција имаше голема логистика и од домашните медиуми, кои ни понудија бесплатно емитување на рекламни спотови и целосна ТВ-презентација. Повикот до граѓаните и информациите за организацијата на настанот се одвиваше преку телевизиите и весниците. Сето тоа имаше ефикасна едукативна, организациска и апелативна улога.
МЕЃУНАРОДНИ ПРИЗНАНИЈА
По првата акција г-дин Трајанов, за оваа иницијатива доби „Награда за Индивидуален Филантроп од Македонија„ за 2008 г. доделна од Центарот за Институционален развој.

Меѓународната еколошка фондација Врховниот учител Чинг Хаи, во знак на успешност на акцијата му додели плакета на Борис Трајанов, каква што пред тоа добиле и Бил Гејтс, Анџелина Џоли и други најелтини имиња. Притоа беше нагласено дека со акцијата Ден на дрвото се направени напори и за смирување и мир меѓу етничките групи во Македонија и дека би сакале сите нации во светот да го следат македонскиот проект за садење дрвца што ќе помогне во трансформација на Планетата во здрав, жив рај со што сите луѓе ќе се обединат и ќе работат во мир.

Сепак, лидерот и идеологот на акцијата Борис Трајанов, при секој ваков повод, скромно изјавува дека овие награди не ги смета само како лични, туку колективни оти дека тие им припаѓаат и на сите членови на Оборот, на сите членови на акцијата, на нашите партнери, но најмногу на оние кои на свои раце ги понесоа големите подвизи – граѓаните кои доброволно пошумуваа.
ОД ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ДО ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ
Граѓанската иницијатива Ден на дрвото – Засади ја својата иднина на чело со амбасадорот на УНЕСКО Борис Трајанов, формираше Иницијативен одбор од стотина ентузијасти. Oдборот за реализација на акцијата го сочинуваат истакнати личности од повеќе сфери, креатори на јавното мислење, културни работници, познати естрадни уметници, новинари, претставници од бизнис-секторот, од образованието, личности од научниот, креативниот и уметничкиот живот на Република Македонија.

Денес Здружението на граѓани е организација која е наполно отворена за меѓународна и интернационална потенцијална мрежа на соработка со земјите од соседството, регионот и светот воопшто. Нашата мисија го надраснува локалниот интерес, кон регионалното и глобалното добро.
ПРОМОТИВНИ АКТИВНОСТИ
Нашите акции имаат богат промотивен логистички репертоар. Походот за пошумување се шири низ целата територија на земјата – од градинките, забавиштата, училиштата, факултетите, ридовите, планините, до градските плоштади, од општина до општина.

Промотивните активности се одвиваат во две етапи:
  • Практична и непосредна промоција меѓу граѓаните;
  • Медиумска промоција (преку ТВ-спотови и презентации).
ЕДЕН НАШ ПРОМОТИВЕН ДЕН
Како изгледа еден наш промотивен ден?
Групи од неколкумина членови на Иницијативниот одбор, заедно со славни естрадни ѕвезди, јавни личности и познати спортисти, со нашето еко-комбе заминуваат на еднодневна промоција во еден град во внатрешноста на земјата. Нашата агенда е следна:
  • Посета на една општина во земјата. Прием кај градоначалникот;
  • Разгледување на состојбата - околниот терен за пошумување. Целта е утврдување на предлог-локации за пошумување;
  • Непосредни средби со најмалите деца и младите (во дворови на градинки, основни и средни училишта, факултети итн.). Практична едукација - засадување преку сопствен пример; Симпатични активности за најмладите - давање на имиња на засадените дрвца, пеење на песни за нив, иницирање на креации на оваа тема; Целта е да ја всадиме љубовта кон дрвцата и шумите кај најмладите;
  • Активности на плоштадите – презентација на акцијата на промотивни штандови. Настапуваат естрадните ѕвезди, а спортските и јавните личности непосредно се дружат со граѓаните и им даваат информации; Целта е подгревање и покренување на атмосферата за поголем одзив на акцијата.
ПРОМОТИВНИ ТВ-СПОТОВИ
Пред секоја акција изработуваме и промотивни ТВ-спотови кои имаат информативно-едукативен карактер; Целта е покренување на нивото на еколошката свест, во што ни помагаат сите медиуми преку бесплатно емитување, давање на ТВ-екипи, одредени партнери - маркетинг агенции. Имаме целосна мидумска логистика.
НАЧИН НА КОЈ ФУНКЦИОНИРАМЕ
Ние сме иницијатори, креатори, организатори, координатори и реализатори на проектот Ден на дрвото – засади ја својата иднина. Ние сме медиумот кој поттикнува и хармонизира акгивности меѓу нашите верни партнери: Владата на Република Македонија, ЗЕЛС и ЈП „Македонски шуми„. Ние сме „мост„ на соработка меѓу нив, но ние сме и „подедна рака„ кон сите добронамерни жители на оваа Планета. Своите пријатели секојдневно ги препознаваме преку истата доблесна идеја. Така ќе се препознаваме сите како едно големо непрегледно семејство.
УНИВЕРЗАЛНОСТ И ОБЕДИНУВАЊЕ
Акцијата е универзална и сенародна. Граѓаните пошумуваа заедно, без разлика на верска, полова, национална, политичка и социјална припадност.

Посебно интересен и значаен настан беше кога зедно садеа и верските лидери во земјава, кои замислете, на сите три акции, иако се од различна верска припадност - заедно садеа во дворовите на различните верски храмови! Тие ја подвлекоа хармонијата на сите граѓани за оваа благородна еколошка и хуманитарна акција. Ова е врвен и редок пример за верска, мултиконфесионална и мултинационална толеранција. При секоја ваква мини-акција, ние и граѓаните се збогативме со ново духовно богатство од секоја религија. Со тоа нашиот духовен имот станува непрегледен, а предворијата на храмовите, симболички се „нахранија„ со различни духовни вредности, засадувајќи пошумена идинина.

Дека овие три акции го обединуваат човештвото на најубав начин сведочат и сите облици на образовна, културна и научна синергија, која постојано ја поттикнуваме преку разни иницијативи за конкуси и натпревари за младите и креативните, преку културни менифестации и проекти, и преку научна конференција за дологорочно пошумување на нашата земја.
Со тоа поттикнуваме фер-дијалог, опшата толеранција и просперитет.
 
 
Изработка - 2009. Сите права се задржани. Изработка и Хостирање - UnetInteractive